„Не се пласиравме во втора фаза на СП, но и поразите се дел од спортот“

На генералното собрание на РФМ, кое се одржа попладнево, претседателот Живко Мукаетов, меѓу другите точки, првпат даде своја оценка за настапот на Македонија на Светското првенство во Германија и во Данска.

Мукаетов даде преодна оценка за македонското претставување на мундијалската сцена велејќи дека првично поставената цел, пласман во втората фаза не е остварена, но од друга страна Македонија поминува низ процес на промена на генерации и затоа за очекување е да има попатни угорници

„Македонската ракометната репрезентација го продолжи континуитетот настапи на големите првенства, ова беше осмо по ред, што претставува големо остварување, нешто што не им успеа на репрезентации како Германија, Унгарија, Словенија. Го освоивме четвртото место во групата, загубивме во клучниот натпревар од Исланд и, според новите правила на ИХФ, не се пласиравме во втората рунда, иако тоа беше зацртано како цел пред првенството. Поразите се дел од феноменот спорт. Поразите знаат да бидат разочарувачки, но не смеат да нè демотивираат и да не спречат да се обидуваме. Јунаците се познаваат на мака. Нашиот тим минува во процес на промени на генерации, се надеваме дека истиот безболно ќе помине без поголеми последици“, истакна претседателот Мукаетов.

На собранието беше усвоен извештајот на РФМ за нејзината работа во 2018 година, беше усвоен и финансискиот извештај, кој беше оценет позитивно и според кој Федерацијата во 2018 имала приход од околу 112 милиони денари и расход од околу 100 милиони денари. Согласно дневниот ред избрани беа и работните тела на РФМ како верификациска комисија, работно претседателство итн.

Заседавањето на собранието почна со едноминутно молчње, во чест на загинатите од автобуската несреќа кај Карпалак, од пред три дена.