Нов проблем за Лазаров: Уште еден репрезентативец подолго време ќе биде во аут!

Селекторот на македонската ракометна репрезентација, Кирил Лазаров, доби уште една непријатна вест – Томислав Јагуриноски е повреден и ќе отсуствува подолго време, што ќе претставува сериозен проблем за националниот тим.

Тој е веќе четврти репрезентативец од стандардниот состав кој ќе биде надвор од теренот за подолг период. Повредата се случила на подготовките со неговиот нов клуб, германскиот второлигаш Десау Рослер. Во финалето на еден од подготвителните турнири, Јагуриноски бил турнат и незгодно паднал на грбот. Клубот соопшти дека станува збор за посериозна повреда, но засега нема точни информации колку ќе трае паузата.

Македонија со ова извесен период останува без уште еден важен бек, а веќе подолго време надвор од терените се и Марко Митев, Никола Костески и Милан Лазаревски. Според лекарските прогнози, тие ќе имаат пауза од најмалку два до три месеци, што значи дека потоа ќе им остане едвај месец за да се вратат во потребната форма пред Европското првенство во Норвешка, Шведска и Данска следниот јануари.

ФОТО: RFM