Младинците моќно ја почнаа битката за деветтото место на ЕП во Целје!

Македонската репрезентација за ракометари до 20 години со сигурна победа го почна настапот во втората фаза по групи за пласман од 9-16 место на ЕП во Целје, откако денеска ја совлада селекцијата на Полска (28-26).

Жолто-црвените ја имаа контролата врз играта и резултатот во текот на сите 60 минути, а со серијата 7-2 кон средината на второто полувреме дојдоа до највисоките на мечот плус шест (26-20). Со ова беше ставен крај на надежите на противникот, по што дојде мало опуштање во нашиот состав, па конечната позитива беше намалена на „само“ два гола.

Узунчев, Митев и Калајџиоски со по четири гола беа најефикасни кај селекцијата на Македонија, додека по три погодоци постигнаа Субашевски и Карасманакис. Нашите момци утре ќе го одиграат вториот меч од втората фаза и тоа против Романија (12 часот), додека последниот дуел од групата ќе го одиграме против Франција (18 јули).