Митревски: Ова беше тешко да се гледа, а уште потешко да се игра!

Македонија беше поразена од Холандија со 32-37 во вториот меч од Светското првенство (СП) во ракомет, а посебно тешка задача имаа нашите голмани затоа што на Холанѓаните им беа досудени дури 12 пенали.

Првиот голман на репрезентацијата, Никола Митревски кажа дека причина за поразот се техничките грешки во напад во првото полувреме, кои биле искористени од Холандија.

„Одигравме тежок натпревар каде што беше тешко да се гледа, а уште потешко да се игра. Направивме многу технички грешки во напад, кои беа искористени од Холандија. Пред крајот на првото полувреме избегаа на три-четири гола разлика и ја одржуваа предноста до крајот на натпреварот. Треба да го добиеме натпреварот против Гвинеја в недела, а потоа нè очекуваат уште три меча“, кажа Митревски.

Последниот меч од првата фаза на Македонија е закажан за недела од 18 часот против Гвинеја.