Лазаров: Ова личеше на сѐ, освен на меч од СП!
Како што вели Лазаров, тој знаел дека ќе биде тешко, но сепак понесени од добрата атмосфера и публиката во Вараждин, очекувал позитивен резултат денеска.
„Уште вчера кажав дека нѐ очекува една тешка борба иако знае да не понесе еуфорија, добро знаев што нѐ чека. Сепак, очекував позитивен резултат затоа што требаше да ги искористиме нашите навивачи и целата атмосфера, како и самодовербата на ракометарите, но не секогаш е иста метката 'дома и на пазар'. Секој натпревар е различен и овој денеска излезе од целосна контрола, ова личеше на сѐ, но не на натпревар од едно Светско првенство.
Една од причините за поразот според Лазаров, се големиот број пенали и исклучувања досудени на наша штета.
Колку и да не сакам да зборам и да се правдам поради нешто, кога имате 12 пенали досудени против тебе, и да имаме толкав број на исклучувања, тешко е како тренер да го водите тимот. Ние речиси 20 минути бевме со играч помалку. Тешко е да се браниш од нивната игра, уште повеќе кога сте со играч помалку. Треба да напаѓаш и ако не постигнеш гол, веднаш примаш. Тоа беше и некоја стратегија, им кажав на момците дека треба да играме цврсто и да се бориме, по цена и да примиме гол, но да имаме што помалку исклучувања. Нивните полуконтри и брзи центри се неодбранливи. Се обидовме, бевме блиску и во одреден дел од првото полувреме на наша игра '6 на 5' направивме грешки, тука се одлепија и го контролираа целиот натпревар.
Ние се обидовме со фластер на Стеинц, но видовме дека тешко се браниме бидеќи менуваме многу играчи. Петар е млад играч и нема големо искуство, требаше да го остави и да не прави фаул, ова е големо искуство за него. Џонов добро го замени, меѓутоа тешко беше да се игра со толку исклучувања“, истакна Лазаров.
Од ракометната федерација по натпреварот напоменаа и дека ќе биде поднесена жалба за денешната арбитража на данските судии.