РФМ ќе поднесе жалба за ужасното судење на мечот со Холандија!

Можеби првпат откако сегашното раководство е на чело на Ракометната федерација на Македонија (РФМ) доаѓа до ситуација во која ќе биде испратена официјална жалба на судењето на вечерашната средба против Холандија (32-37) во склоп на второто коло на СП во Вараждин.

Причина за ова е револтот од начинот на кој данската судиска двојка ја делеше (не)правдата, за што доказ е фактот што противникот имаше дури 12 пенали, а нам ни беа доделени два директни црвени картони. Информацијата за ова ја потврди генералниот секретар, Филип Милошевски.

„За 12 години во ракометот не сум видел натпревар со повеќе пенали, украдени топки и искалкулирани фаули – во превод дробење. До сега реткосме се жалеле, ама ова беше под секое спортско достоинство. РФМ ќе поднесе жалба, но без разлика на исходот – МАКЕДОНИЈА ПОБЕДИ“, напиша Милошевски.

Македонија има еден бод по првите два меча на СП, во пресрет на задутрешниот последен меч од првата фаза против аутсајдерот Гвинеја (18 часот).