Македонските кадети во полуфинале со Белорусија

Откако ја завршија својата работа и го освоија првото место во групата А, македонските ракометари до 18 години го дознаа и противникот во полуфиналето - селекцијата на Белорусија.

Белорусија го освои второто место во групата Б и затоа ќе вкрсти со Македонија во битка за освојување на ЕХФ-шампаионатот во Грузија. Белорусите попладнево не можеа да ѝ се спротивстават соодветно на Италија, па загубија со 22-27.

Италијанците имаат максимални осум бода во оваа конкуренција, а за Белорусите ова не беше единствен пораз. Претходно загубија и од домаќинот Грузија и само поради среќниот развој на останатите резултати завршија втори.

Полуфиналето го играме в сабота, во 17.15 часот, а претходно, од 15.00, Швајцарија и Италија ќе се борат за втората финална виза. Само победникот на овој Шампионат ќе избори место во највисокиот европски ешалон за ракометари до 18 години.