Македонија во вториот шешир и сигурно нема да игра во Норвешка

ЕХФ официјално ги соопшти „шеширите“ за ждрепката за Евро 2020 и потврди дека Македонија се наоѓа во вториот. Влечењето на групите е закажано за 28 јуни.

Се наоѓаме во ист шешир со Норвешка, Белорусија, Словенија, Германија и со Унгарија, што значи, со овие селекции не може да се падне во иста група. Исто така, се знае дека од петте града домаќини, сигурно нема да бидеме во Трондхајм, кој ќе организира две групи.

Полудиригираната ждрепка на ЕХФ таму веќе ги смести Норвешка во групата Д и Германија во групата Ц. Оттука, на Македонија ѝ останува Шведска или Австрија, односно Малме, во кој носител ќе биде Данска, Гетеборг во кој носител е Шведска, Грац, каде што фаворити се Хрватите и Виена, во која веќе е сместен домаќинот Австрија, од третиот шешир.

Ако, пак, добиеме група во која уште нема назначен носител, можни противници ни се Шпанија , Франција и најлесниот Чешка. Од третиот шешир, покрај Австрија, доаѓаат уште Исланд, Црна Гора, Португалија, Швајцарија и Летонија, а во четвртиот се Полска, Русија, Србија, Украина, Босна и Херцеговина и Холандија.

На Европското првенство, кое ќе се одржува од деветти до 25 јануари, 24-те екипи ќе бидат поделени во шест групи со по четири репрезентации, а само првите две ќе напредуваат во втората групна фаза, на топ-12. Ждрепката во Виена ќе биде влечена на 28 јуни, 15 минути пред 19 часот.

 

шешир 1: Шпанија, Шведска, Франција, Хрватска, Чешка, Данска
шешир 2: Норвешка, Македонија, Белорусија, Словенија, Германија, Унгарија
шешир 3: Австрија, Црна Гора, Летонија, Исланд, Португалија, Швајцарија
шешир 4: Босна и Херцеговина, Русија, Полска, Швајцарија, Украина, Холандија, Србија