Македонија вечерва на силен тест против Хрватска пред преполни трибини во Вараждин
Нашиот национален тим утринава треба да пристигне во Хрватска и ќе се смести во Прелог каде ќе престојува до 13 јануари кога официјално ќе ги заврши подготовките за Мундијалот. Денешниот меч е одлична можност за селекторот Кире Лазаров да види каква е формата на неговите избраници и на што треба да се работи до првиот натпревар на првенството, против Унгарија на 15 јануари.
Од информациите од Ракометниот сојуз на Хрватска, сите билети за вечерашниот дуел се распродадени и на трибините се очекуваат над 5.000 домашни навивачи. Македонските ракометари ќе имаат можност да го почувствуваат теренот во Вараждин арена каде ќе ги играат своите натпревари од првата фаза на Светското првенство, а се очекува тогаш да ја имаат поддршка од фановите бидејќи е најавено заминување на голем број навивачи од земјава.