Македонија на СП, втора епизода: Против Египет не може да биде полошо!

По болниот почеток на Светското првенство, македонските ракометари имаат шанса да ги залечат раните со вториот натпревар од групната фаза, против домаќинот Египет, денеска од18 часот.

Ако сме објективни, ретко кој очекува дека Македонија ќе излезе како победник од овој меч. Меѓутоа, во состојбата во којашто сенаоѓа нашата репрезентација, можеби поважно е да одигра добро, да се почувствува самоуверено во салата во Каиро, за да си дозволи во продолжение на првенството да го покаже сиот свој потенцијал.

Тешко дека може да биде полошо од натпреварот со Шведска (20-32), иако Египет е домаќин и доминира со физичкиот стил на ракомет. Toa e актуелниот африкански шампион, од првенството пред 12 месеци, а пред две години, на Мундијалот во Данска и во Германија, влезе во четвртфиналето и го освои осмото место.

Тоа е еден од „пердувите во капата“ на Роберто Гарсија Парондо, кој ја презеде селекцијата во 2019 година. Тој, можеби е и најопасното оружје на Египќаните за Македонија, со оглед дека работеше како помошник на Раул Гонзалес, додека тој ја предводеше нашата репрезентација и добро ги познава можностите, маните и квалитетите.