Македонија ја пречекува Словенија во важен меч за место на ЕП 2026!

Ракометната репрезентација на Македонија вечерва со почеток од 20 часот во СЦ „Борис Трајковски“ ја пречекува Словенија во натпревар од третото квалификациско коло за пласман на Европското првенство.

Македонија во третото коло ја брка втората победа откако квалификациите ги стартувавме со триумф над Естонија, па загубивме од Литванија. 

Словенија во Скопје пристигна ослабена, без неколку клучни ракометари, тој факт плус поддршката од полната сала треба да бидат ветер во грб за ракометарите на Кире Лазаров.

За денешниот меч селекторот Урош Зорман нема да смета на дури 11 играчи што беа на СП, од разни причини во Скопје нема да играат Доленец, Мачковшек, Цехте, Овничек, Ферлин, Новак, Хенигман, Кљун, Зарабец, Кавчиќ и Mитја Јанц,

Македонија под водство на Лазаров изгледа се подобро, таков беше впечатокот на неодамнешното Светско првенство, па очекувањата се дека добрите игри ќе бидат продолжени и низ квалификациите.

Последниот меѓусебен дуел меѓу селекциите на Македонија и Словенија се случи на Европското првенство 2022 кога Словенците победија со 27-25, година претходно доживеавме дебакл, загубивме со десет разлика на Светско првенство од нив, но денеска околностите се поинакви, па нашата репрезентација е фаворит.

Победа од овој меч ќе биде многу значен исчекор кон пласман на Европското првенство каде одат двете првопласирани селекции и најдобрите четири третопласирани од осумте квалификациски групи.

Денеска се игра и вториот натпревар од нашата група во кој Естонија од 18 часот ја пречекува Литванија.