Македонија ја делат два чекори од ново ЕП, првиот го правиме денеска во Талин!

Денеска со почеток од 18 часот, ракометната репрезентација на Македонија ѝ гостува на Естонија во претпоследниот меч од квалификациите за Европското првенство, победа е единствената опција за момците на Кире Лазаров.

Пред Македонија се два клучни квалификациски натпревари за да се продолжи континуитетот на настапи на големите натпреварувања. Денеска гостуваме кај Естонија, а три дена подоцна ја пречекуваме Литванија.

Синоќешната победа на Словенија над Литванија значеше дека Македонија сама си ја крои судбината, а првиот чекор кој мора да се направи е триумф во Талин против Естонија.

Иако ги загубија сите четири натпревари досега, Естонците покажаа дека можат да бидат незгоден противник. Дома беа поразени со само еден разлика од Словенија, а ние во Скопје ги победивме со четири голови позитива.

Момците на Лазаров мора да бидат максимално фокусирани и со тимска игра да ги надминат проблемите со повредени ракометари како Марко Митев, Мартин Велковски, Марко Стојковиќ и Цветан Кузманоски.

Победа е единствената опција за Македонија, немаме право на кикс, фокусот е комплетно на денешниот натпревар против Естонија, а потоа ќе размислуваме за Литванија.