Македонија им направи проблем на Хрватите: Дувњак урлал по соиграчите, Срна се извинуваше

Некогашниот светски шампион Хрватска очигледно очекувал лесна и убедлива победа против Македонија во еден од последните тестови пред Светското првенство, но мораше добро да се испоти за воопшто да дојде до триумф на мечот кој се играше во Вараждин.

„Коцкестите“ славеа со 27-25, но на три минути пред крајот беше израмнето (24-24) и победата на домашната селекција беше доведена во прашање. Во финишот нашите ракометари направија неколку грешки, Хрватите ги искористија и победија, но играта не ги задоволи ни навивачите, ни играчите. Доказ за тоа се изјавите на хрватските репрезентативци кои признаа дека капитенот Дувњак им одржал лекција во соблекувалната, а ја искористија можноста и да им се извинат на навивачите за бледото издание.

„Сигурно не смееме да повториме ваква игра. Не беше баш убаво во соблекувалната на полувреме, капитенот Дувњак ни кажа некои работи, пред се дека мораме многу подобро. Не бевме вистински и тоа може скапо да не чини на Светското првенство“, реше Марио Шоштариќ, а Звонимир Срна се извинуваше и изрази надеж дека во иднина ќе биде многу подобро.

Последниот тест пред Мундијалот, Хрватска ќе го има в петок во Загреб каде ја пречекува селекцијата на Словенија.