Кузмановски: Формата ни расте, имаме доволно време да се подготвиме за ЕП
Со реми против домаќинот и конечен резултат 29-29, националниот тим го комплетираше настапот на традиционалниот „Жолт Куп“ во Винтертур и го освои второто место, поради послаба гол разлика од денешниот противник. Капитенот Филип Кузмановски постигна вкупно 17 погодоци на турнирот и со прикажаното издание на теренот го заслужи признанието за најкорисен играч.
„Сакам да им се заблагодарам на моите соиграчите за борбеноста на овој турнир и мислам дека тие се најзаслужни за мојата награда. Нашите цели што ги замисливме пред почетокот на турнирот ги исполнивме, формата ни расте, а имаме уште доволно време да се подготвиме за тоа што не очекува на Европското првенство во Данска.
Некои детали ќе треба да се поправат пред стартот на шампионатот, пробавме некои формации во одбраната, имаме и некои новости како ќе им парираме на противниците, но клучна треба да ни биде одбраната. Треба да бидеме борбени, да играме еден за друг, како во второто полувреме со Украина и во дуелот со Швајцарија. Наш адут треб да биде и полуконтрата, оваа репрезентација треба да трча, мислам дека сме максимално подготвени и ќе одговориме на предизвикот“, изјави Кузмановски по мечот против Швајцарија.
Утре во раните утрински часови, македонската репрезентација ќе отпатува во Хернинг, каде ќе ги игра натпреварите од првата фаза на Европското првенство.