Хрватите ги нападнаа македонските судии: Голот на Карабатиќ е – нерегуларен!

Франција обезбеди полуфинале на Светското првенство во ракомет, откако во меч со драматичен финиш синоќа го совлада Египет (34-33) во загрепската „Арена“.

Решавачки момент беше голот на Лука Карабатиќ на неколку десетинки до крајот, на кој хрватските медиуми остро реагираа, тврдејќи дека тој бил нерегуларен, односно дека македонските судии, Ѓорѓи Начевски и Славе Николов, направиле голема грешка.

Французите имаа контрола врз мечот во поголемиот дел од натпреварот, во првото полувреме стекнаа предност од четири гола (18-14), а на стартот на вториот дел ја зголемија на пет. Сепак, Египет не се предаде – пет минути пред крајот резултатот беше израмнет (30-30). Возбудливата завршница донесе нова предност за Франција по двата гола на Мем (32-30), но Хешам возврати со ист мерки. Јахиа Омар израмни на 33-33 само четири секунди пред крајот, оставајќи впечаток дека мечот ќе оди во продолженија. Сепак, Лука Карабатиќ од центарот успеа да упати удар кон празниот гол, а судиите по видео-преглед утврдија дека топката ја преминала линијата 0,3 секунди пред звукот на сирената. Овој момент веднаш предизвика бурни реакции.

Според хрватските медиуми, снимката покажува дека пред Карабатиќ да ја упати топката, францускиот играч на левото крило веќе целосно зачекорил во противничката половина, што е спротивно на правилата. Египетскиот тим безуспешно се обидел да ја истакне оваа неправилност, но судиите разгледувале само дали топката навреме ја минала гол-линијата, а не и регуларноста на ситуацијата.

Без разлика на спорниот момент, Франција оди во полуфинале, каде што ќе се сретне со Хрватска во четврток од 21 часот во Арена Загреб – нова шанса за вистински ракометен спектакл.