„Добрата партија со Словенија да не ни прави нереални очекувања!“

Еден од најистакнатите македонски ракометни репрезентативци во последната деценија и пол, Борко Ристовски, ќе биде стручното око на Спорт1 за време на Европското првенство во Унгарија и во Словачка. Ќе отиде подалеку и подлабоко од обичниот ракометен гледач и ќе го искористи своето драгоцено искуство да ни го доближи ЕУРО 2022 од свој агол.

Подготвувајќи се за оваа анализа, не можев никако да си дадам конкретен одговор што од она што го видовме на вчерашниот натпревар би го одбрал? Дали би одбрал да играме за нијанса побрзо, со изведување на брз центар и форсирање полуконтра по секоја цена и на крај да го загубиме натпреварот или би одбрал да играм апсолутно неатрактивно во смисла комплетно да ја умртвиме играта, секогаш нападот да биде на граница на пасивна игра и со тоа да не му дадеме на противникот шанса за повеќе напади!?

Кога ќе го додадеме и бројот на технички грешки од наша страна (двоцифрен) и лесните голови кои Словенија ги постигна по нашите пропусти, веројатно опцијата каде што на крајот би победиле е поприфатлива. А, не постои начин на градење на една репрезентација ако не победувате. Победата е таа која што ја прави разликата помеѓу голем играч и голема репрезентација и оние кои што само учествуваат. Затоа е многу важно да победуваме.

Словенија никогаш понеподготвена, понеорганизирана... што ќе каже - требаше да го добиеме овој натпревар. Томовски со настапите сезонава во Вардар и со вчерашниот натпревар покажува дека прераснува во лидер на теренот и сигурен сум дека селекторот ќе има огромни проблеми во избирањето на прв голман на репрезентацијата. Горчлив вкус во вчерашниот натпревар остава фактот што имавме шанса да победиме, зашто Словенија нѐ потцени и мислеше дека е суперирна. А имавме шанса. Сега ни останува единствено да се подготвуваме за следниот натпревар кој што ќе биде далеку потежок отколку Словенија.

Црна Гора е репрезентација со сличен квалитет како нашиот, нивните амбиции веројатно се да дадат максимум против Македонија и да се вратат дома со една победа. Што значи дека ќе одат „ALL IN“ со нас, а тоа ќе создаде дополнителен притисок врз нив, но и врз нас. Не би сакал донекаде добрата игра против Словенија да ни направи нереални очекувања дека сме супериорни во однос на Црна Гора и да се случи да кикснеме. Мораме да одиграме многу поквалитетно затоа што натпреварот ќе биде многу поинаков и со поинакви влогови.

Немаме друг избор освен да дадеме комплетна поддршка на нашите репрезентативци. Има уште многу работи кои што би требало да се кажат, за на јавноста да ѝ стане јасно зошто некои појави константно се провлекуваат низ репрезентацијата. Меѓутоа, како што кажав, сега сите заедно за победа против Црна Гора!

Со памет, срце и душа за Македонија!