Данска го уништи „последниот живот“ на Шпанците за финале на СП 2023!

Ракометарите на Данска се првите финалисти на СП 2023 во Шведска и Данска, откако ја совладаа Шпанија (26-23) во првото денешно полуфинале.

Ова е трето по ред финале за Данците, што им дава шанса да станат првите во историјата со хет-трик титули светски шампиони. Тие умешно и заслужено го уништија и „Последниот живот“ на Шпанците, кои во претходната фаза на чудесен начин се спасија против Норвешка, а потоа во продолженијата и дојдоа до победа. Средбата беше рамноправна само во првите неколку минути, по што Скандинавците со серија 5-1 дојдоа до првото поопипливо водство (9-4), кое на крајот од првото полувреме беше зголемено на најголеми на средбата плус пет (15-10).

Во вториот дел долго се играше гол за гол, а составот од Пиринеите најмногу што направи е што во два наврати намали на минус еден (20-21). Но, тогаш следуваа четири голови во низа на Данците за повторно највисоки плус пет, со кои се обезбеди посакуваното финале, иако Шпанците одново се обидоа да направат драма во финишот. Но, овој пат наместо збунети Норвежани наидоа на концентрирани Данци, кои умешно го одбија нападот.

Питлик со шест и Сагструп со пет голови беа најефикасни кај Данска, додека Алекс Дујшебаев со пет погодоци беше најпрецизен кај Шпанија. Во второто вечерашно полуфинале во Стокхолм силите ќе ги одмерат Франција и Шведска. Финалето е в недела.