УЕФА ги изгласа големите промени: Лигата на нациите доби нов формат

УЕФА донесе одлука за значителни промени во форматот на Лигата на нациите, кои ќе стапат на сила од сезоната 2028/29. Одлуката е донесена на состанокот на Извршниот комитет на европската фудбалска федерација во Солун.

Најголемата новина е намалувањето на бројот на лиги од четири на три. Во секоја лига ќе има по 18 репрезентации, поделени во три групи со по шест селекции. Секој тим ќе одигра шест натпревари против пет различни противници.

Поради оваа промена ќе биде изменет и системот на промоција и испаѓање. Во Лигата „А“ само двата најслаби четврти состави од четирите групи ќе испаднат директно. Другите два четврти и двата најслаби третопласирани ќе играат баражи против второпласираните од Лигата „Б“ за место во елитната дивизија.

Промени ќе има и во Лигата „Б“, каде игра и Македонија. Ниту една репрезентација нема директно да испадне, туку четирите последнопласирани селекции ќе играат баражи против второпласираните од Лигата „Ц“.

Според најавите, големи промени по Европското првенство во 2028 година најверојатно ќе има и во квалификациите за европските и светските првенства.

Наместо досегашниот систем на квалификациски групи, се предвидува воведување на две лиги. Во првата би биле 36 репрезентации од Лигите „А“ и „Б“ на Лигата на нациите, поделени во три групи со по 12 тимови. Секоја селекција би одиграла шест натпревари. Останатите 18 или 19 репрезентации би ја сочинувале втората лига, поделена во три групи од по шест или седум селекции.

Директен пласман на европските и светските првенства од Европа би обезбедиле одреден број најдобропласирани репрезентации од првата лига, додека за преостанатите места би се играле баражи. Во нив би можеле да учествуваат и репрезентации од втората лига.

Предвидено е во квалификациите да учествуваат и домаќините на големите првенства, при што нивниот резултат би влијаел од пласманот во Лигата на нациите. Новите правила треба да донесат значително поинаков систем на натпреварување во европскиот репрезентативен фудбал.