Скандал на одбојкарски турнир во БиХ: Наводен „судија“ се соблекол пред малолетни одбојкарки

Голем скандал го потресе одбојкарскиот спорт во Босна и Херцеговина по случувањата на турнирот „Завидовиќи Опен 2026“, каде што, според наводите на УОК Бањалука Волеј, малолетни одбојкарки биле изложени на однапред подготвени сцени без знаење и согласност на клубовите.

Според информациите објавени од повеќе босански и регионални медиуми, на турнирот имало група лица кои биле претставени како судии од Норвешка. Од бањалучкиот клуб тврдат дека нивното однесување било дел од наводен „експеримент“ за кој клубовите, а според нив и родителите на младите спортистки, не биле информирани.

Ситуацијата ескалирала кога еден од наводните судии извел однапред подготвена сцена, по што, според сведоштвата пренесени во медиумите, се соблекол пред присутните, меѓу кои имало и малолетни одбојкарки. Настанот предизвикал реакции кај присутните и сериозни прашања за начинот на кој бил организиран турнирот. Од УОК Бањалука Волеј најавија преземање правни чекори против организаторот, тврдејќи дека нивните млади одбојкарки биле ставени во ситуација за која никој од клубот не дал согласност.

Случајот предизвика реакција и од Одбојкарскиот сојуз на Босна и Херцеговина, кој соопшти дека немал никаква поврзаност со организацијата на турнирот и дека не бил запознаен со сценариото што било реализирано. Од Сојузот порачаа дека вакви експерименти се спротивни на принципите на спортот и на заштитата на децата, а најавена е и истрага за целиот случај.

Случувањата на „Завидовиќи Опен“ така го ставија спортскиот резултат во втор план, додека надлежните треба да утврдат кој го осмислил сценариото, кој го одобрил и зошто младите одбојкарки биле вклучени без претходно информирање.