Македонија против Израел за крај на евро-авантурата
Противник на Македонија ќе биде селекцијата на Израел, а натпреварот ќе се одигра во Софија, каде што нашата репрезентација ги игра натпреварите од групната фаза.
Дуелот меѓу Израел и Македонија е закажан за 15:00 часот по македонско време, во арената „8888“ во Софија. Македонските одбојкари ќе имаат можност со добар настап да ја заокружат групната фаза на континенталниот шампионат. Во последниот меч од групата фокусот ќе биде ставен на борбата за што подобар резултат со оглед на тоа што нашиот национален тим ги загуби шансите за пласман во нокаут фазата и денеска официјално ќе ја заврши својата евро-авантура.
Македонската репрезентација по четири одиграни натпревари е на последното место на табелата и е единствена без освоен сет на Европското првенство. Ако денеска не се избори за добар резултат што подразбира освојување еден, два или три бода, ќе биде последна и во конечниот пласман на овој шампионат.
За Израел натпреварот има големо резултатско значење бидејќи со победа во три сета ќе го освои четвртото место во групата и ќе се пласира во осминафиналето.