Реал среќно победи, Мурињо загрижен: „Ги кренавме од мртвите“

Реал Мадрид стигна до драматична победа на гостувањето кај Елче со 3-2, но начинот на кој „кралевите“ ја испуштија предноста од два гола сериозно го загрижи Жозе Мурињо.

Мадридскиот гигант имаше контрола врз натпреварот и создаде повеќе можности за да го реши победникот многу порано, но место тоа му дозволи на Елче да се врати во игра. На крајот, Карлос Еспи во судиското продолжение го постигна голот за победа на Реал.

Мурињо по натпреварот отворено зборуваше за проблемот кој го забележал кај својот тим.

„Очигледно е дека постои проблем. Имаме три, четири, пет шанси да го решиме натпреварот, но не го правиме тоа. Лесни шанси, а ние не ги користиме. Потоа натпреварот одеднаш од лесен станува многу тежок затоа што противникот го креваме од мртвите. Поголемиот проблем е што, откако играчите ќе ги пропуштат тие шанси и нема да успеат да го решат натпреварот, тие и понатаму играат како да е решен и како сè да е во ред. Не е во ред“, изјави Мурињо.

Португалецот, сепак, најде и нешто позитивно во начинот на кој неговиот тим дојде до трите бода.

„Добрата работа кај нас е што нашите натпревари никогаш не се здодевни. Луѓето се во неизвесност и на работ од своите седишта до последниот судиски свиреж“, додаде тој.

Мурињо им оддаде признание на фудбалерите за победата, но нагласи дека загубата на контрола врз играта е нешто што не смее да се повторува.

„Заслугите за оваа победа им ги припишувам на играчите. Ако игравме лошо во текот на сите 90 минути, ќе бев многу загрижен. Но, кога играте добро подолг период и создавате многу шанси, а потоа следува лош период во кој сте попасивни и му ја препуштате иницијативата на противникот – секако дека и тоа е загрижувачки, но не во иста мера како кога играте лошо“, објасни тренерот на Реал.

Тој повторно го потенцираше проблемот со реализацијата.

„На крајот остваривме победа и тоа е она што е важно. Единствената забелешка што ја имам до играчите е што не ги решаваат натпреварите кога имаат можност за тоа. Немаше никаква причина повторно да ризикуваме да ги загубиме бодовите. Имавме многу шанси да го завршиме натпреварот, но не го направивме тоа и му дозволивме на Елче да се врати во игра“, рече Мурињо.

За крај, Португалецот посочи што најмногу го загрижува.

„Не сакам кога губиме контрола, бидејќи контролата врз топката и играта е многу важна и токму поради тоа сум загрижен“, заклучи Мурињо.

Со победата, Реал Мадрид го задржа чекорот со Барселона, која вечерва го пречекува Сантандер. За „кралевите“ следува и големо дерби, бидејќи во недела од 16:15 часот гостуваат кај Атлетико Мадрид.