Борко: Сите да застанеме зад иднината на македонскиот ракомет!

Долгогодишниот „министер за одбрана“ во македонската ракометна репрезентација, Борко Ристовски, за ова Светско првенство остана во Скопје. Километрите нема да му ја намалат возбудата на секој натпревар на неговите колеги, во Каиро, само што наместо дресот на Македонија, овој пат ќе ги брани боите на Спорт1.

Борко ќе биде нашиот стручен аналитичар, кој ќе ни долови со малку поекспертски очи како ќе се претстави нашата репрезентација на секој натпревар. 

За почеток, правиме генерална најава на овој настап, кој ни „падна од небо“, на еден ден до почетокот на Мундијалот. Брестовац и ракометарите немаа многу време да се подготват конкретно за противниците, ама ни тие немаа време да нѐ скенираат нас. Борко верува дека имаме млада, но квалитетна репрезентација и противници по мерка за таа да прерасне во уште посериозен колектив.

СИТЕ КАКО НАЦИЈА ДА ЗАСТАНЕМЕ ЗАД ОВИЕ МЛАДИ ИГРАЧИ

Мислам дека имаме квалитетен состав, од млади играчи и постарите, коишто ќе го водат нападот, како Столе и Киро. Како и да е, без разлика на промената на генерацијата и подмладувањето, мислам дека треба и мора да ја искористиме оваа дадена шанса, затоа што ни Шведска не е во својот најдобар состав и сите тие отсуства и шанси треба да ги искористиме. Можеби нашнајголем хендикеп ќе биде недостаток на искуство на одредени млади играчи, меѓутоа треба сите како нација да застанеме зад тие млади играчи и да им дадеме комплетна поддршка, затоа што тие се иднината на македонскиот ракомет.

ГРУПАТА Е ПОГОДЕНА, АКО САМИ НЕ СИ ЈА ЗАКОМПЛИКУВАМЕ

Групата е оптимална за градење репрезентација преку квалитетни натпревари, но и нуди шанса за победа во нив. Репрезентацијата на Шведска е во осетно изменет состав и треба тука да ја гледаме нашата шанса за успех на ова Светско првенство. Се надевам дека ќе отвориме добро против Швеѓаните, бидејќи е многу важно за следните два натпревара против Египет и Чиле. Верувам дека Чиле не би требало да биде посериозен ривал, меѓутоа мора да останеме претпазливи. Според мене, реален фаворит во нашата група е репрезентацијата на Египет, додека на останатите две средби ние имаме шанса да се бориме и да одиме на победа, нормално, доколку самите не си ја закомпликуваме работата со два пораза на почеток, па да оставиме да си решаваме со Чиле. Затоа сите заедно дададеме поддршка на нашата репрезентација во обидот за нови победи и радости кои ќе ја израдуваат нашата земја и македонскиот народ