Австријците чекаа „војна“, па се чудеа: Србите и Хрватите во Грац навиваа – заедно!(ФОТО)

Кога ќе се судрат Срби и Хрвати на спортско борилиште, секогаш стравувањата се дека ќе избие – нова „балканска војна“. Омразата после распадот на Југославија и раните од крвавата војна во 90-те сè уште се свежи, ама на ракометното Евро 2020 во Грац – австриската полиција остана во чудо.

Веројатно Австријците цела недела се подготвуваа за да го обезбедат на ниво мечот кој е од „највисок ризик“, зашто низ историјата многу крвави пресметки на навивачите од двете земји имало низ Европа. Но, барем во салата во Грац не се случи ама баш ништо. И додека Австријците чекаа да видат „војна“, останаа со подзинати усти откако навивачи седеа еден до друг, знамиња беа едни до други и не се случи ништо.

Дека атмосферата ќе биде необична за српско-хрватските пресметки најави самиот старт, кога свирежи на интонирањата на химните немаше, посебно од далеку побројните хрватски навивачи, кои изминативе денови го окупираа Грац.

Синоќа Балканците покажаа европска култура, па се славеше ракометот. И на крајот на мечот, Лино Червар посочи дека првпат доживеал ваква атмосфера, а српскиот стратег Ненад Перуничиќ додал дека уживал во атмосферата и дека Хрватска заслужува злато за навивачите.