Загреб жали по Хорват: Неговата одлука нѐ изненади!

Легендарното хрватско крило Златко Хорват е нов ракометар на Металург, а оваа вест одекна како „бомба“ низ медиумите и јавноста во регионот.

Никој не очекуваше ваков трансфер на 35-годишниот хрватски репрезентативец, особено не, откако речиси целата своја кариера ја мина во таборот на хрватскиот шампион. По цели 18 години Хорват реши да се испроба како интернационалец и тоа во редовите на скопски Металург.

Оваа одлука била изненадувачка и за луѓето од таборот на Загреб, кои веќе му имале понудено нов едногодишен договор, а потоа да биде директор на академијата на клубот.

„Вистина е дека Златко Хорват си заминува. На почетокот од оваа година му понудивме едногодишен договор, а потоа и да ја води младинската школа на клубот. Тогаш разговаравме отворено и за можно заминување во странство на две години потоа враќање во Загреб. Но оваа одлука нè затекна и изненади. Му се заблагодаруваме на сè, бидејќи е вистинска легенда на клубот и му посакуваме многу среќа во новата средина. Жал ни е што не го продолжи договорот со нас, но се одлучи за друг клуб и ние тоа мораме да го почитуваме“, изјави директорот на Загреб, Ведран Шупуковиќ за клупксата интернет страница.