Војводина излезе пресилна, Пелистер потопен во Нови Сад!

И вториот македонски претставник почна со пораз во новата сезона од СЕХА-лигата. По Вардар во Прешов, сега и Пелистер не се прослави во Нови Сад, во своето прво соочување со Војводина.

Српскиот шампион не само што победи, туку го направи тоа убедливо, со 29-24 и целата разлика успеа да ја креира само во второто полувреме. Пелистер го одигра очајно, пред се во нападот, со многу грешки и со безидејност пред расположениот Лука Арсениќ на голот, кој го заврши мечот со 11 одбрани од кои две од седмерец.

Иако по паузата беше 14-14, вториот полчас почна со серија од 4-1 за Војводина, како најава за проблемите во нападот на Пелистер. Остана на само два постигнати гола некаде до 43. минута, додека противникот ја градеше предноста и дојде до, дотогаш највисоки, 25-18.

Само поради Марко Кизиќ, кој влезе во вториот дел и една привремена криза на Војводина, на Пелистер му се укажа шанса да направи камбек или барем да го направи мечот поинтересен, но ни тоа не успеа. Домаќините дојдоа до максимални плус осум, а конечниот резултат беше само ублажување на впечатокот.

Единствената причина за гордост беа периоди од првиот дел, особено почетокот, кога уште важеше 6-6 (13. минута), но и последните пет минути, кога од 10-14, битолчани се вратија на резултатска нула. Само Ненад Костески покажа офанзивна зрелост со седум погодоци, а фантастичен беше и Кизиќ со седум одбрани само во вториот дел. Следниот меч за Пелистер е на 2 февруари, на гости кај Нексе.