„Во Скопје ми беше како во Холивуд, во Загреб - никој не ме познава!“

Поранешната ѕвезда на Вардар, Тимур Дибиров, без разлика што веќе има 41 година сезонава е еден од најдобрите ракометари на Загреб, кој игра преродено во Лигата на шампионите, што беше причина за мега-интервју во еден од најчитаните портали, Индекс.хр.

Тој на почетокот од минатата сезона дојде во хрватскиот гигант, по скоро една деценија во црвено-црниот дрес во кој на двапати беше најдобар во Европа – во 2017 и 2019 година. Поради тоа, голем дел од интервјуто е поврзано се неговиот престој во Скопје.

„Сите спортисти велат дека првата титула е таа што е најомилена и која најмногу ја паметите. Целосно се согласувам со тоа, но поради специфичните околности што не следеа, како проблемите со финансиите и играњето без плата, повеќе ја преферирам втората титула. Тоа беше бајка. Како се одвиваше сето тоа, каков тим беше, неописливата хемија меѓу играчите, навивачите, управата на клубот... Ќе го паметам цел живот“, изјави Дибиров.

Русинот во продолжение опишува како е да се игра за клуб за кој веќе се знаеше дека е во сериозни финансиски проблеми и во кој доцнеа и платите на играчите.

„Еден мој пријател го праша мојот поранешен тренер од Вардар, Раул Гонзалес како е во Скопје, а тој одговори со еден збор - Холивуд. И навистина беше така. Тоа беше Холивуд по сите параметри. Се чувствувавме како да сме фудбалски или НБА ѕвезди. Феноменална енергија, огромна љубов на целата земја кон клубот. Потоа стигнавме до финансиските проблеми. Но, тогаш не можевме само да ја наведнеме главата. Сакавме на сите да им се оддолжиме за љубовта што ни ја покажаа. А во животот кога зборуваме за љубов, таа мора да биде взаемна. Така се чувствувавме тогаш. Кога се појавија овие проблеми, љубовта работеше за нас и се заглавивме уште повеќе за да го постигнеме тој успех. Што се однесува до платите, знаевме дека горе-долу никој нема да остане во клубот, но се посветивме само на ракометот и сакавме да ја завршиме таа приказна на најдобар можен начин“, дополни поранешното вардарово крило.

Дибиров потоа направи споредба помеѓу Загреб и Скопје од негов аспект.

„Сè е поинаку во Загреб. Скопје е специфичен град, има огромна љубов кон ракометот. Секое кафуле, секое училиште, секоја бензинска пумпа, некој ќе ве препознае насекаде. Но, во повеќето главни градови, не само во Загреб, има многу луѓе и многу различни интереси. Не сите следат спорт, не сите следат ракомет. Во Загреб пред неколку години луѓето го изгубија интересот за ракометот. Затоа најважната работа што ја работиме во моментов, покрај самите резултати, е и враќањето на луѓето на трибините. Повторно владее спортска еуфорија, салата се полни. Но, ракометот е спорт број 1 во Скопје и сите живеат за Вардар и доаѓањето на натпревари“, направи паралела поранешниот руски репрезентативец.

Крилото ја објасни ситуацијата со понуденото македонско државјанство и зошто решил да не го прифати.

„Да, тоа не е тајна. Разговарав со водечките луѓе на македонскиот ракомет. Сакаа да ѝ помогнам на нивната репрезентација. Им кажав исто како што ви кажувам сега - Скопје и Македонија се мојот втор дом и среќен сум секогаш кога можам да им помогнам, но во животот има само една мајка. Им благодарам за таа понуда, разбирам дека сакаа да ме имаат во тимот, но ја сакам мојата земја и посебно е чувството да играм за мојата земја. Барем јас така мислам, јас сум голем патриот“, објасни Дибиров.

Целото интервју со легендарниот ракометар кој сега игра за Загреб може да го прочитате ТУКА.