Вардар со Вујо парадираше низ Загреб, стариот Металург играше на Ф4! (ВИДЕО)

СЕХА-лигата го подготвува седмото издание на фајналфор-турнирот, вторпат во Скопје по 2013 година. Со цел кревање на еуфоријата пред завршницата на уште една сезона, од медија-тимот на СЕХА објавија една видео-компилација со случувањaта на досегашните шест Ф4-турнири.

Во 2012 година, на првото издание, шокантен победник беше Вардар. Тогаш со Веселин Вујовиќ на својата клупа, црвено-црните беа благ аутсајдер зад стариот Металург на Лино Червар и супер силниот Загреб. Меѓутоа, во полуфиналето Вардар го победи Загреб, а во финалниот меч го надигра скопскиот ривал.

Идната година Скопје беше домаќин, а Хрватите возвратија, па се радуваа среде македонската метропола, совладувајќи го Вардар во финалето.

Во 2014 година Вардар веќе беше овој новиот, со Сергеј Самсоненко во раководната фотелја и со одличен тим. На Ф4-турнирот во Нови Сад, македонскиот првак целата работа ја заврши во полуфиналето, кога го декласира Загреб во полуфиналето, а потоа како голем фаворит против Мешков Брест, очекувано стигна до пехарот.

Изданието во 2015 година го доведе Веспрем, кој автоматски стана кандидат број 1 за пехарот. Челниците на лигата му ја доделија организацијата на Ф4-турнирот, а Унгарците доминантно промаршираа до трофејот, без пораз, совладувајќи го Мешков во финалето.

Откако Металург се заглиби во сопствените проблеми (2014/15), составот на полуфиналната четворка на Ф4-турнирите беше горе-долу предвидлива, па и во Вараждин, во 2016 беа истите четири како 12 месеци претходно: Веспрем, Вардар, Загреб и Мешков Брест. И епилогот беше ист, со тоа што сега Веспрем триумфираше над Вардар во возбудливо и напнато финале.

Минатата година, Мешков се надеваше дека, конечно ќе стигне до пехарот, како домаќин на турнирот, меѓутоа Вардар уште тогаш најави дека е најдобриот тим во Европа, па го надигра Веспрем убедливо во финалето, и стана првиот тим со три пехари. Белорусите се задоволија со третото место, совладувајќи го Загреб.

Црвено-црните и ова година се големи фаворити, а по пауза од три години, составот на Ф4-турнирот ќе биде освежен со Целје, кој го искористи отсуството на Веспрем. Домаќин е Скопје, а термините се 13 април за полуфиналињата и два дена подоцна за финалето и мечот за трето место.