Вардар ја оствари петтата победа во групната фаза од СЕХА-лигата, на домашен терен против Војводина,со 26-23. Овој натпревар почна за нешто повеќе од 24 часа откако заврши синоќешниот, против Мешков Брест во ЛШ, така што на Едуард Кокшаров не му беше лесно да менаџира со силите на играчите.

Војводина беше цврст противник, особено против експериментален Вардар, искомбиниран со млади ракометари. Неизвесноста за победникот траеше некаде до 50. минута, важеше 20-20 на семафорот, но Вардар постигна три гола едноподруго, таа серија потоа ја протегна и до 5-1, па трите бода излегоа од дофатот на српскиот шампион.

Црвено-црните се обидуваа да „побегнат“ и претходно, но Војводина постојано се враќаше. Во првото полувреме македонскиот тим имаше еден фантастичен период од 14. до 26. минута, кога прими само еден гол, а постигна шест, за да поведе со 10-6, но на помалку од пет минути до крајот доби двојно исклучување. Војводина го искористи тоа и, ако за претходните 12 минути даде само еден гол, во преостанатите од 26. до 30. постигна дури пет за да се избори за 11-11 на паузата.

Србите отворија со водство во вториот дел, Вардари играше гол за гол некаде до 50. минута пред да го реши мечот. Скубе постигна седум гола, Димитриоски шест, Чупиќ пет, додека Артурс Кугис имаше 11 интервенции. Кај Војводина, Ратковиќ беше најефикасен со седум гола, а голманот Арсениќ одбрани 19 удари на вардарци. На натпреваров не беа ни на клупа Атман, Горпишин, Стоилов, Дисингер и Горбок, а Криштопанс ја напушти играта уште во втората минута, затоа што го свитка скочниот зглоб на десната нога. Тоа уште толка ја отежна работата за избор на постава, која може да го одбрани „Јане Сандански“ од Војводина.

Со петтата победа Вардар се врати на чело на табелата во групата А, со 15 бода, колку што има и Мотор Запорожје.