„Тренерските квалитети на Вујовиќ се еднакви на – НУЛА!“

Името на поранешниот тренер на Вардар, Веселин Вујовиќ, се споменува меѓу кандидатите за селекторската функција на Хрватска, поради што поранешниот репрезентативец на „коцкестите“, Горан Шпрем, го искажа своето негативно мислење за неговиот квалитет.

Тој смета дека Вујо-мајсторе е лошо решение за хрватската клупа.

„Вујовиќ беше најдобар ракометар во светот и секоја чест за тоа. Но, немам што да зборувам за неговите тренерски квалитети. Мое мислење е да е тој маргинален лик во хрватскиот ракомет, иако имаше разни улоги кај нас. Не ги заслужи шансите што ги доби и мислам дека неговите тренерски квалитети се еднакви на нула“, изјави Шпрем.

Станува збор за долгогодишен член на „коцкестите“ со 109 меча во период од десет години (2009-2019), кој низ кариерата играше за ППД Загреб, Фленсбург, Мелсунген, Нордхорн и Гумерсбах. Според Шпрем, најдобри хрватските тренери се Лино Червар и тренерот на Еурофарм Пелистер, Жељко Бабиќ.