„Среќни сме со новите играчи, вистинскиот Вардар допрва ќе го видите!“

Вардар не ја почна сезоната во СЕХА-лигата најславно, бидејќи претрпе пораз на гостувањето во Прешов, кај Татран (23-27). Како што обично обврзува густиот распоред во овој период, нема многу време за анализирање на тој меч, бидејќи доаѓа следниот, со Партизан в среда од 18 часот, меѓутоа, тренерот Владо Недановски сподели размислувања за општата состојба на екипата.

Вардар има четири нови ракометари по зимската пауза и дел од нив веќе се покажаа на теренот на Татран, во саботата. Сепак, Недановски вели дека  сѐ уште е рано да се носат неколку заклучоци, бидејќи екипата, до денеска, немаше тренирано во полн состав.

„Немаме многу време, конечно денеска го одработивме првиот тренинг во комплетен состав. Дел од играчите се уште уморни од СП, им треба одмор. Со новите играчи две недели сме заедно, немавме многу време за работа, а ни треба за да се вклоипиме. Од денеска почнуваме да работиме на подобрување на одбраната, на нападот. Мислам дека дури од наредниот натпревар со Татран може да се очекува некоја вистинска слика за Вардар, со новите четири играчи“, рече Недановски.

Тој меч е закажан за 10 февруари и ќе претставува идеален индикатор за некаков брз прогрес на екипата, споредено со овој меч во саботата против истата екипа. Вардар почна добро, но потоа настана некоја конфузија, за која се согласија и Недановски и капитенот Стојанче Стоилов а денешната прес-конференција. Тренерот потенцира дека не стануваше збор за некаков недостаток на мотивација, туку само замор.

„Натпреварот имаше и добри работи, кои ги видов од новите играчи и среќни сме што ги имаме, се надеваме дека многу ќе ни помогнат во иднина, за одбрана на титулата. Не може да станува збор за неспремни или немотивирани играчи, тие се професионалци. Мотивирани се но, дел од нив доаѓаат од првенство каде што доживеаја неуспех, имаа и критики од јавноста и повторно влегоа во авион за гостување, затоа не може да очекувате дека ќе бидат мотивирани. Мораме да ги разбереме и нив, јас можам само да кажам благодарност до тие играчи зашто без никаков проблем отпатуваа со нас со екипата, одиграа и денеска се повторно со нас на тренинг. После 40 дена карантин. И Дејан Манасков имаше голема желба да патува, но се договоривме да остане во Скопје, од лични причини. Важно е дека сите сакаат да го дадат својот максимум и да дадат придонес за Вардар. Мотивација секако дека имаше иако таа не беше клучна“, образложи тренерот.

Сега следува Партизан, повратникот во СЕХА-лигата, кој покажува амбиција да изненади некој од големите со нов проект, со млада и полетна екипа.

„Партизан е млада, перспективна екипа, игра доста брз ракомет. Имав можност да погледнам нивни натпревари. Немаме многу време за анализа и подготовка, бидејќи вчера се вративме од пат. Меѓутоа мораме за два тренинга да испробаме сѐ и одбрана и напад и на тој меч в среда да излеземе што е можно поподготвени“, додаде Недановски.

Неговиот тим би требало да биде комплетен, но прашање останува за Куни Моралес, Кубанецот на десната бековска позиција, кој се повреди во Прешов уште по 15-тина минути игра, меѓутоа од црвено-црниот табор се надеваат дека ќе може да игра. Колку и да е способен, на располагање би требало да биде и Томислав Јагуриноски, кој заедно со Михаил Аларов овој месец премина од редовите на Пролет. Тој се повреди во Краков, на СП, но сега веќе бил подготвен.