СЕХА-лигата го одложи фајнлфорот во Задар на неодредено време

Регионалната ракометна СЕХА-лига го одложи фајнлфорот закажан од 3 до 5 април годинава во Задар на неодредено време поради пендемијата на коронавирусот, што е очекувана одлука сооглед дека сите ракометни и спортски активности се во прекин во регионов.

Поради избувнувањето на најголемата здравствена криза во Европа и светот, ракометот не се игра, па реваншите од четвртфиналињата, кои беа закажани за минатиот викенд беа одложени, по што следуваше комплетен прекин до нормализација на ситуацијата. Поради ова, СЕХА на својот Извршен комитет донесе одлука да се одложи и завршниот турнир на неодредено време.

„СЕХА е општествено одговорна организација, покажувајќи солидарност, а и помагајќи им на тие што им е потребна помош во овој период. Здравјето е приоритет за секој играч, официјални лица и сите чинители во ракометната лига. Ќе продолжиме да ја следиме ситуацијата секојдневно и ќе го следиме развојот на настаните“, објави СЕХА.