Македонскиот ракометен вицепрвак, Еруфоарм работник ја пренесе негативната атмосфера од Лигата на шампионите и во натпреварите од СЕХА, па запиша непланиран пораз, во Шабав, против Металопластика.

Некогашниот првак на Европа славеше со 27-26, попладнево пред своите гледачи, потврдувајќи ја шемата по која функционира Еурофарм. А таа е: добра игра во првото полувреме и потоа колапс.

Еурофарм го отвори мечот фантастично, со серија од 4-0, без да прими гол во првите 10 минути. Меѓутоа како течеше првиот дел почна да паѓа во ритамот, на тоа се придодаде домашниот голман, кој по 20. минута нареди неколку интервенции и предноста се стопи на само 12-11 за битолчани на паузата.

Вториот дел беше многу поизедначен, во 37. минута Еурофарм поведе со 17-14 и таа предност не се повтори во иднина, туку напротив, Металопластика се обидуваше да направи пресврт. Успеа првпат да поведе дури во 56. минута, потоа имаше и плус два, но Марин Вегар ги остави во живот шансите, барем, за бод. Сепак, истиот ракометар ја имаше топката в рака и во последните секунди од мечот и не успеа да го совлада голманот Бомастар.

Вегар остана најефикасен со осум гола, Јотиќ имаше седум, а во домашниот состав Милиќ девет пати биеше прецизно. Голманите на Металопластика имаа 15 одбрани заедно, а Митревски и Чаневски шест и една, соодветно. Ова е четврти пораз во седум натпревари за Еурофарм, по што останува на девет бода на третото место во групата Б.