Георгиевски: Тие четири разлика од Словачка не се реални, одиме на победа со пет!

Вардар ќе се соочи со Татран Прешов в петок, во обид да го одмазди поразот од четири разлика, пред десет дена во Словачка. Не е тоа само спортски мотив, туку и резултатски, победа која би го анулирала тој пораз може да значи сигурно прво место во групата Б од СЕХА-лигата, па затоа црвено-црните се мотивирани.

Гоце Георгиевски беше еден од оние вардарци, кои во Прешов заминаа „од авион“, односно само што се вратија од Светското првенство, од Полска, па без тренинг излегоа на терен со Татран. И тој бара делумно оправдување во проазот со 23-27 во тие фактори и смета дека овој резултат не е реален однос на силите. Верува дека Вардар има капацитет да го совлада словачкиот шампион со повеќе од четири разлика.

„Би било фанастично ако победиме со пет разлика, речиси ќе го осигураме првото место во групата. Добро, тој прв натпервар, како што кажа и тренерот, отидовме без да имаме тренинзи, дојдовме директно од авион, од СП, но тој меч може да ни послужи. Еве гледавме видео-анализи и гледаме како сме играле, каде сме грешеле и затоа мислам дека многу подобро ќе одиграме во петок. Татран е добра, квалтиетна екипа, но мислам дека ако го испочитуваме она што ќе се договориме, мислам дека ќе победиме, се надевам дека и со пет ралзика. Иако и тогаш можеше да биде помалку, имавме и напад за еден разлика, имаше шанси за поволен резултат, но тогаш направивме некои грешки и завршивме со минус четири. Мислам дека таа разлика не е реално, но што е тука, е сега ќе одиме на победа од пет разлика, па ќе видиме“, вели десното крило на Вардар.

Таму Вардар прими 27 гола, потоа во Скопје 26 од Партизан, што не е многу, ако ѝ се суди на одбраната, сепак визуелниот впечаток остава простор за уште поцврсто издание.

„Јас секогаш сум приврзаник на добра одбрана. Мислам дека ако одбраната е добра, таа самодоверба ќе се пренесе и во нападот и играш послободно, порастоварено и подобро во напад. Така што мислам дека ако одбраната функционира на едно високо ниво со Татран, мислам дека ќе победиме“, дополни Георгиевски.

Натпреварот се игра в петок во 18 часот. Со победа, Вардар би дошол до четири бода во групата, само уште со еден меч преостанат за играње, на гости кај Партизан.