Бабиќ: Играчите се фокусирани, ќе ја повториме партијата со Тримо!

Подоцна од што се планираше, но СЕХА-лигата почна, во четвртокот, а за двата македонските ракометни фанови отворањето е утревечер (17.45), со дуелот меѓу Еурофарм Пелистер и Металопластика, во Битола.

Тренерот на битолчани изрази задоволство што, конечно, ќе играат регионален ракомет, иако со овој натпревар и оној од четвртокот меѓу Нексе и Војводина (24-23), само се означи старт, па сезоната ќе продолжи во февруари.

„Најважно е што почнува СЕХА лигата. Толку ни требаа натпревари, посебно за нашите млади ракометари. Ни требаат за да имаме натпреварувачки ритам за Европската лига. Сакав да игравме порано, да одигравме повеќе натпревари, но лично се радувам на стартот и очекувам добар натпревар и победа“, најави Жељко Бабиќ, тренерот на „пелистерци“, кој ја оствари првата победа оваа сезона, против Тримо, во вторникот. 

И утре, како и на тој дуел, ќе влезе како фаворит. Овој пат поизразен, што значи и со поголем притисок за победа. Металопластика е своевиден аутсајдер во конкуренцијата А, покрај Е. Пелистер, ППД Загреб и Татран Прешов, но Бабиќ има само комплименти за противникот.

„Сакам да споменам дека ни доаѓа поранешниот селектор Вуковиќ, сега тренер на Металопластика. Од него учев, заради него и неговата генерација го засакав ракометот. Големо задоволство ми е што ќе го видам и ќе го поздравам. Металопластика има одличен контра напад, две брзи крила, агресивна одбрана 3-2-1 која се трансформира во 6-0. Имаат дефанзивен интензитет и транзиција. Се работи за потентен тим кој сигурно бара одличен пристап и ментален и физички ангажман при секој удар. Имавме одличен настап против Тримо Требње. Играчите се фокусирани и ангажирани и верувам дека и покрај квалитетите на екипата од Шабац, ќе ја повториме партијата од пред две недели“. си посака хрватскиот стратег.