Втор дебакл на Вардар: Од шампионот нема ни бледа сенка

Не успеа „шок терапијата“ на Вардар со промената на тренерот Давид Писонеро, па Едуард Кокшаров на клупата на Вардар стартуваше со пораз. Веспрем дојде до мала одмазда против „црвено-црните“ и со 39-30 му го нанесе на нашиот тим вториот пораз сезонава во рамки на 5.коло во Лигата на шампионите во групата Б. 

Домашните ракометари имаа неверојатна успешност во реализацијата на нападите од 78 отсто, а во тоа доста им помогнаа и голманите на Вардар, Гедбане и Кугис, кои уште еднаш имаа потпросечно издание. Мора да се истакне и целосно неприфатливата игра во финишот, кога ракометарите на Вардар се предадоа и дозволија противникот да ги збрише од теренот.

Вардар солидно го почна натпреварот и имаше водство, но само до резултат 2-4. Тука Веспрем направи серија 7-1 па поведе со 9-5. Нашиот тим немаше решение за играта на Унгарците, кои лесно го полнеа голот на Гедбане и Кугис. Двајцата голмани вкупно искомбинираа три одбрани во првиот дел. Веспрем го контролираше резултатот и во неколку наврати имаше +5, а на полувремето резултатот гласеше 21-17.

Европскиот првак тргна со 2-0 во второто полувреме, но повторно влезе во серија од грешки. Веспрем лесно го одржуваше водството па и го зголемуваше од напад во напад. Во 44-тата минута домашниот тим водеше со 29-23, а во последните девет минути веќе беше 33-25. Тука победникот беше јасен и играта на Вардар тотално се распадна. Веспрем буквално го декласираше црвено-црниот состав и дојде до највисоките +12. Конечниот резултат изнесуваше 39-30.

Тимур Дибиров беше најсветлата точка во таборот на Вардар со осум погодоци, пет постигна Кристијан Дисингер, а четири Домен Сикошек-Пелко. Голманите повторно не се прославија па Кугис имаше две интервенции, Гедбан четири, а во финишот шанса доби и 18-годишниот Марко Кизиќ, кој успеа да одбрани два шута на противникот.

Расмус Луаге Шмид со осум голови беше најефикасен кај унгарскиот тим.

Во следното коло, Вардар на домашен терен го пречекува Брест Мешков на трети ноември. 

ГРУПА Б (5.КОЛО)
Веспрем - Вардар 39-30
Порто - Мотор 35-35
Мешков - Кјелце 27-31
Монпелје - Кил 30-33

ТАБЕЛА
1. Кил 9
2. Веспрем 6
3. Монпелје 6
4. Вардар 6
5. Кјелце 5
6. Порто 5
7. Мешков 2
8. Мотор 1