Веспрем бара реванш, Вардар ќе се бара - себеси!

Првиот натпревар по драстичниот потег на клупата на Вардар се погоди да биде едно од потешките гостувања воопшто во Европа. „Веспрем арена“ј а освојувале само големи екипи или екипи во голема форма, а Вардар треба да покаже дека има барем еден од тие елементи попладнево, во 17.30 часот.

Едуард Кокшаров седна на клупата на Вардар на местото на Давид Писонеро за Вардар да го врати стариот стил, да го добие назад идентитетот кој го красеше минатите сезони или просто речено - да се најде себеси. Такво е, барем, мислењето на сопственикот Сергеј Самсоненко и сега останува неговиот драстичен потег да донесе резултати.

Од Ккокшаров не може да се очекуваат чуда за неколку дена, впрочем и самиот изјави дека нема многу што да се менува до дуелот со Веспрем. Се чини, главната промена вардарци треба да ја направат на психолошки план, во својата концентрација, фокусот и мотивираноста. Играта не им недостасува, но затоа, пак, имаат чести осцилации од почетокот на сезоната.

Тоа и не е толку чудно кога имате тренерска смена. И самиот Веспрем се соочува со проблематичен старт на сезоната, а го има Давид Дејвис на кормилото веќе долго време. Тој беше предводник на најдобриот унгарски клуб и во јуни, кога Вардар го надигра во финалето во Келн и стигна до втората своја титула во ЛШ. Желбата за реванш мора да е голема кај ракометарите на Веспрем и тоа ќе биде нивниот двигател денеска во „Веспрем арена“.

Вардар влегува во дуелот со шест бода, Веспрем со четири, откако ги победи Порто и Мотор Запорожје. Всушност и двете екипи одиграа натпревари против истите противници од стартот на сезоната во ЛШ. И Вардар ги совлада украинскиоти португалскиот тим, но Вардар славеше и во Монпелје, а таму Веспрем беше совладан со 18 постигнати гола. Како и црвено-црните и Веспрем дома беше понижен од Кил, со 31-37. Тоа не предизвика тренерска смена, но ако вечер Вардар успее да слави, веројатно столчето на Давид Дејвис ќе дојде во прашање.