Швајцарците бааги ќе ротираат, ама - нема да ја потценат Македонија!
Откако претходно дојде до три победи по ред, вклучувајќи го и рутинскиот триумф над нашата национална селекција во Скопје, Швајцарците влегуваат како апсолутни фаворити во овој последен дуел од актуелниот репрезентативен собир. Сепак, швајцарскиот селектор Мурат Јакин најави одредени тактички промени во стартниот состав, пред сè поради згуснатиот распоред и акумулираниот умор кај фудбалерите.
За разлика од претходните два натпревари против селекциите на Шкотска и Словенија, на кои Швајцарија настапи со идентични единаесетмина на теренот, средбата со македонската репрезентација ќе донесе видливи ротации. Свесен за физичката исцрпеност на своите избраници, предводникот на швајцарскиот национален тим одлучи да им даде заслужен одмор на дел од клучните играчи, отворајќи простор за докажување на фудбалерите со помала минутажа.
„Тоа ќе ни биде четврти натпревар во рок од 11 денови, против Словенија беше вистинска битка со многу трчање и дуели. Дефинитивно ќе треба да одмориме неколку фудбалери, исто така и дел од останатите заслужуваат шанса да се докажат. Промени ќе има, но не сакам никакво опуштање, сериозно гледаме на дуелот со Македонија“, изјави Јакин.
Жолто-црвените во Луцерн ќе истрчаат со скор од три порази и гол разлика 0-7, но со надеж дека конечно ќе успеат да дојдат барем до бод(ови) и гол(ови).