Нов човек влегува во тимот на Синер од 2027 година

​Тренерскиот тим на Јаник Синер би можел да добие нов член од 2027 година. Шведскиот стручњак Магнус Норман се издвојува како еден од главните кандидати за позиција во тимот на италијанскиот тенисер.

Промената би можела да уследи по евентуалното заминување на австралиската легенда Дарен Кејхил, кој моментално е дел од тимот на Синер. Кејхил му се приклучи на италијанскиот тенисер во 2022 година и имаше значајна улога во неговиот развој, како и во освојувањето на првите пет гренд слем титули во кариерата.

Засега нема официјална потврда дека Кејхил ќе си замине, ниту дека Норман ќе биде негов наследник. Конечната одлука за иднината на австралискиот тренер се очекува по завршувањето на сезоната. Норман има исклучително богато искуство и како тенисер и како тренер. Како играч во 2000 година стигна до второто место на АТП-листата, а играше и во финалето на Ролан Гарос.

Најголемите тренерски успеси ги постигна со Стан Вавринка. Под негово водство, Швајцарецот освои три гренд слем титули – Австралија опен во 2014 година, Ролан Гарос во 2015 и УС Опен во 2016 година. Во истиот период Вавринка триумфираше и на Мастерсот во Монте Карло, со Швајцарија го освои Дејвис купот и стигна до третото место на светската ранг-листа. Норман во 2016 година ја доби и наградата за тренер на годината на АТП.

Доколку Кејхил го напушти тимот, Симоне Ваноци би останал задолжен за тактичкиот дел, додека Норман би можел да ја преземе улогата на искусен стратег и ментор. Таквата структура би го задржала моделот на работа кој досега му донесе големи успеси на Синер.

Покрај Норман, како можни кандидати се споменуваат и Хуан Карлос Фереро и Карлос Моја. Фереро неодамна го напушти тимот на Карлос Алкарас и најави можност за враќање на турнејата во 2027 година, додека Моја е познат по долгогодишната успешна соработка со Рафаел Надал.