Вардарци се на второ место во новата ЛШ - по дебелина! (ФОТО)

Ракометната Лига на шампионите почнува вечерва, со скандинавската пресметка Кокс - Савехоф, а за нас ќе стане привлечна од сабота, кога Вардар ќе му гостува на Монпелје. ЕХФ веќе го соопшти својот став за тоа кој тим како го рангира пред сезоната, но ние ќе покажеме и еден друг ранкинг, според кој Вардар е - втор.

ЕХФ ја загрева јавноста со неколку интересни бројки и статистички категории, по кои ги рангира екипите и ракометарите. Македонските претставници се истакнуваат секој на свој начин. Еурофарм работник, на пример, е единствената екипа која ќе влезе во овогодишното натпреварување како дебитант, а Вардар, од друга страна, како единствениот тим кој двапати славел на Ф4-турнирот во Келн.

Меѓутоа, има и категории кои се интересни на друг начин, како на пример онаа за просечната килажа на екипите. Вардарци тежак во просек 98,1 килограм и само ракометарите на Веспрем се подебели од нив, со 100,6 килограми. И двете екипи водат пред конкуренцијата која продолжува со Кил, Пик Сегед, Елверум... Просекот е најден некаде на 92 и пол килограми, а ракометарите на Еурофарм работник се доста витки според оваа табела, под просекот, со 90,6 килограми по човек.

Сепак, просекот на Вардар го креваат тројца ракометари, кои се наоѓаат во топ-10 најтешки во цела Лига на шампионите. Десетти е новодојдениот Словенец, Домен Сикошек Пелко со 120 килограми, шести е младинецот пријавен во првиот тим Давид Гашоски со 127, а дури втор е Даинис Криштопанс со 135 килограми. Само три повеќе има „шампионот“ во клубот најтешки, Бенец Суц, пивотот на Веспрем.

Криштопанс има најголемо оправдание за овие килограми, затоа што е највисокиот ракометар кој игра во ЛШ, со своите 215 сантиметри. Блиску до него се Анхел Кабелјо од Кадетен Шафхаузен со 213 и Томаш Габала со 212 сантиметри. Криштопанс го повлекува Вардар на седмо место меѓу највисоките екипи во ЛШ, со просечна височина од 193,2 сантиметра. Највисоки се ракометарите на Пик Сегед со 196,1 сантиметар, а македонските вицешампиони, од Еурофарм работник се втората најниска екипа, со 189,3 сантиметри по човек.

Нивниот Филип Чурлевски е петтиот најнизок ракометар во европската елита со 176 сантиметри, а по него доаѓа тројка од Вардар, Карапалевски и Чупиќ со по178 и Скубе со 179 сантиметри.

Што се однесува до староста, и Вардар и Еурофарм се постари од просечната возраст на екипите, од 25 и пол години, вардарци со 26 години, „фармацевтите“ со 28 и три месеци. Најстариот игарч во лигата е Јеспер Ларсон од Кристијанштад со 46 години, а најмладиот Бернардо Пега од Порто, со 16.