Поранешниот македонски и европски шампион Вардар тргна со победа во Европската лига на ЕХФ, откако вечерва во СЦ „Јане Сандански“ славеше со 33-26 против Валур.

Освојувачот на ЕХФ Купот за минатата сезона имаше солиден старт и водство од 2-0, но потоа Вардар ги презема работите во свои раце и почна да го полни голот на гостите од Исланд, па така предноста на „црвено-црните“ до крајот на првите 30 минути достигна плус осум (19-11).

Вардар го одржуваше водството и во вториот дел, додека Валур во последните 10 минути намали на пет голови негатива (21-26), меѓуто „црвено-црните“ не му дозволија на гостинот дополнително да ја намали разликата и триумфираа со 33-26.

Најдобри во редовите на скопскиот гигант беа Вуко Борозан и Марко Срдановиќ со по шест погодоци, додека голманот Мигуел Еспиња Фереира запиша 15 одбрани. На спротивната страна Магнус Оли Магнусон постигна четири голови, додека Бјоргвин Пол Густвасон запиша 18 интервенции.

Во вториот меч од групата Ф, Мелсунген славеше против Порто со 29-24, па така Вардар и бундеслигашот имаат по два освоени бода по првото коло.

Вардар во следното коло од елитното натпреварување ќе се соочи со Мелсунген на 15 октомври од 18.45 часот во Германија.