Кој е новиот газда на Вардар, дали црвено-црните тргнаа по патот на Осиек и ТСЦ Бачка Топола?

Завршија тешките денови на Вардар во кои клубот од ден за ден бараше начин да преживее, црвено-црните од овој месец и официјално имаат нов сопственик, тоа е Атила Бижен Жалили, турски државјанин кој живее во Унгарија.

Жалили откупи 85 проценти од акциите на Вардар, го доби управувачкиот пакет и наскоро ќе следува целосна трансформација на клубот.

Новиот сопственик на Вардар е генерален директор на „СолСервисис Лтд.“, унгарска компанија која се занимава со имплементација на производство на енергија од обновливи извори.

Тие се пионери во развојот на соларни паркови во Унгарија и се лидери на пазарот во оваа дејност. 

Атила Бижен Жалили преку десет години е во бизнисот со енерија, од 2013 година е во компанијата „СолСервисис Лтд.“, до 2017 бил инвестиционен координатор, а од 2020 па до денес е генерален менаџер на компанијата.

За разлика од сите досегашни фамозни инвеститори со сомнителни бизниси кои честопати биле протерувани од државите, ова е прва инвестиција во македонскиот фудбал каде точно се знае бизнисот на газдата.

Сега само времето ќе покаже дали Вардар ќе стане уште една успешна фудбалска приказна од регионот какви што се Осиек и ТСЦ Бачка Топола во последните години, кои исто така добија унгарски газди, кои работат во полето на енергетиката.