Новите термини во ЛШ му носат голем ќар на Вардар!

Европската ракометна федерација (ЕХФ) направи смел потег менувајќи го терминот за натпревари во Лигата на шампионите. Наместо да се игра најчесто во викендите, како досега, натпреварите ќе бидат исклучиво среда и четврток во 18.45 и 20.45 часот. Прашањето е дали ова им одговара, пред сè на македонските фанови и на Вардар, како наш претставник, а потоа и генерално на ракометот во Европа.

Првиот впечаток е дека ЕХФ самата си дава автогол, бидејќи се мести во терминот во кој спортската јавност од Европа е навикната да гледа фудбал и тоа Лига на шампионите и Лига Европа. Меѓутоа, ако поодблиску се погледнат работите, ова може да биде потег за доброто на ракометот и неговата популаризација.

Како прво, со воведувањето нови термини, ЕХФ сака да ги унифицира натпреварите од ЛШ, а не како досега да има расеани термини, распослани од четврток до недела. На тој начин ЛШ многу потешко „се согласуваше“ со домашните првенства, па често се случуваше екипите да играат без ред, прво два меча за четири дена, па потоа имаат пауза од десет дена итн. Со ова ќе се знае дека ЛШ се игра исклучиво среда и четврток, а викендите ќе бидат резервирани за националните шампионати.

На овој начин би да им се удоволи и на поголемите првенства, како германското и француското, кои често знаеја да бидат приоритет во однос на ЛШ и за екипите и за фановите.

Што се однесува до Вардар и до македонската публика, новите термини може и да придонесат за поголема посветеност од публиката. Досега Вардар играше во сабота и во недела на домашен терен (освен во некој редок исклучок), а за тоа дали „Јане Сандански“ беше исполнета до крај, за волја на вистината влијаат повеќе фактори, како на пример дали противникот е големо име како Веспрем, Барселона, Кјелце, Кил....

Ако ги тргнеме другите варијабли настрана и земеме дека проблемот со новите термини е совпаѓањето со фудбалската ЛШ и ЛЕ, тогаш можеби забораваме дека и досега Вардар се бореше со термините на најдобрите фудбалски првенства од Европа. Во 17 часот во сабота или во недела редовно има некој атрактивен натпревар во Премиерлигата, на пример, кој сигурно е попривлечен за спортската публика од она што би било конкуренција на Вардар во сезоната која претстои. Македонскиот шампион успеа да одбере, главно, термини во четврток, кога единствената фудбалска конкуренција се натпреварите од Лига Европа, а таа и самата се мачи да допре до вистинско внимание од спортската јавност.

Оттука, тезата за конкуренција од фудбалските натпревари не стои на цврсти нозе, особено во спортска клима како нашава. Од друга страна, колку често се случува во Македонија да има „продолжен викенд“, па луѓето да го напуштат Скопје и да заминат по туристичките локации од земјава и од соседството (ако тоа не го прават и онака, во редовен викенд)? Со новиот термин, во четврток, таков проблем нема да постои, а натпреварите на Вардар би биле една од малкуте опции за семејна занимација, во споредба со викенд.

Се разбира, сите овие тези ќе добијат вредност дури кога ситуацијата со коронавирусот ќе се врати во нормала, а публиката ќе смее да се врати во салите во полн капацитет. На крајот на краиштата, во последнава деценија, ако нешто научивме, тоа е дека за вниманието на јавноста не е пресуден терминот, туку успесите. Ракометот добри 10-11 години се држи на (нај)високо место на скалата на популарност кај македонската публика, нешто што не е случај во цела Европа. Таму сите потези кои се повлекуваат се во интерес да се зголеми популарноста, бидејќи е релативно помала од некои други спортови и апсолутно од фудбалот.