Вардар го разнесе Сесвете и оди во топ-16

Поранешниот европски шампион ја оствари четвртата победа во ЕХФ Европската лига откако вечерва славеше убедлив триумф на гостувањето кај хрватскиот Сесвете.

„Црвено-црните“ славеа со 38-24 и во пресрет на последното коло обезбеди пласман во топ-16 фазата од европското натпреварување. Доминацијата на Вардар на овој натпревар беше толку голема што триумфот во ниеден момент не беше доведен во прашање.

Израмнето беше само во првите четири минути во кои екипите тешко постигнуваа голови, па на семафорот стоеше 1-1. Веднаш потоа Вардар направи серија од 3-0, подоцна и една од 4-0 и во 14. минута поведе со 11-4. На голем одмор се замина со предност на нашиот тим од 23-12 и веќе во тој период беа решени сите дилеми, а на Вардар му остана само рутински да го приведе мечот кон крајот и да го потврди пласманот во следната фаза.

Урош Митровиќ со седум гола беше најефикасен кај Вардар, Јанковски постигна шест а Малус пет. На голот блескаше Милош Валах кој одбрани 11 удари на противничките ракометари. Во последното коло македонскиот тим се среќава со Тулуз на домашен терен, но тој меч нема да има никакво резултатско значење.