Тројца вардарци во топ-10 трансфери ова лето, според ЕХФ!

Европската ракометна федерација (ЕХФ) почна да го загрева теренот за новата ракометна сезона на Стариот континент, објавувајќи ги десетте најдобри трансфери за ова лето.

Меѓу трансферите има и такви кои се договорени и објавени од поодамна, сепак практично се реализирани ова лето, како на пример највисоко рангираниот - Сандер Сагосен од ПСЖ во Кил. Норвешкиот организатор на играта од пред година дена се вети на Кил, а летово го реализира трансферот. Со оглед дека важи за еден од најдобрите ракометари на денешницава, а според последното ЕП и најдобар, оправдано го држи првото место на топ-10 листата.

Веќе вториот на неа е еден од поранешните ракометари на Вардар, а ги има тројца такви. Даинис Криштопанс е втор најдобар трансфер според ЕХФ, а заведен е дека оди од Фуксе Берлин во ПСЖ. Практично, неговиот трансфер од Вардар во ПСЖ беше договорен уште месеци претходно, но поради тешката финансиска состојба во македонскиот и европски првак, Криштопанс во февруари замина во Фуксе Берлин, на привремен ангажман, за летово да премине во ПСЖ, кај Раул Гонзалес.

Другите двајца вардарци се Сташ Скубе, кој замина во Мешков Брест и за тој потег е рангиран на шестото место, а веднаш зад него е Хорхе Македа. Шпанскиот десен бек го напушти Пик Сегед по две години служба и се придружи на останатата „чета“ ракометари кои некогаш играле во Вардар, а сега ги бранат боите на Веспрем.

ЕХФ ја пополни листата со Блаж Јанц од Кјелце во Барселонана третата позиција, Лук Абало од ПСЖ во Елверум на четвртата и Никола Турна од Нант во Кјелце на петтата. Осми е некогашниот соиграч на Филип Талески, Мадс Менса Ларсен, кој од Рајн-Некар замина во Фленсбург, деветти е малку познатиот Адриа Фигуерас од Гранољерс во Нант, кај Кире Лазаров, a десетти е Словенецот Борут Мачковшек, со билет спротивен од тој на Македа - од Веспрем кон Пик Сегед.

Ниеден од македонските клубови не влезе во оваа листа на ЕХФ со своите трансфери, иако имаше неколку големи имиња. За почеток, Вардар го донесе Марко Вујин, Металург ја изненади јавноста со потписот на Златко Хорват, а во Еурофарм Пелистер пристигна Стипе Мандалиниќ, меѓу останатите.