Трнлив почеток на европската авантура, реми за Вардар во Норвешка

За љубителите на драмата и неизвесноста Вардар е повторно тука со возбудливи натпревари и инфарктни завршници, за жал со резултати кои не се за гордеење. Најдобриот начин да се соопшти епилогот од вечерашното гостување во Норвешка е дека Вардар остана непоразен и одигра 27-27.

Меѓутоа, реалноста е поинаква, бидејќи Вардар имаше напад и шут на Гаџа на десетина секунди на крајот, кој можеше да донесе победа, меѓутоа хрватскиот разигрувач промаши. На Елверум му останаа уште пет секунди за да упати удар, но тоа не го смени конечниот резултат.

Целото второ полувреме од натпреварот беше во тој стил, со промени на водството и со налети на едната и на другата екипа, но никој не направи решителен исчекор до победата. Вардарци губеа со 25-27 во 56. минута и изгледаше дека водството, кое долго го чуваа во првиот дел ќе остане само спомен, но со добра одбрана 5-1, пресечени топки и две контри на Дибиров изедначи и се врати во игра за победа.

Сепак, претходно бадијала одбраната беше добра, а Томовски блескав, кога нападот го упропастуваше трудот. Играа најчесто 7 на 6, со празна мрежа, па Норвежаните лесно казнуваа. Ваквите осцилации во играта почнаа уште некаде по 20. минута, кога Вардар првпат се издвои поведен од Кевин Њокас и Томовски и со пет постигнати, а само еден примен гол поведе со 12-8. Меѓутоа, до крајот на полувремето Елверум возврати со перфектна рефлексија, правејќи серија од 5-1 за 13-13 на паузата.

Грижите продолжија во вториот дел, кога Елверум поведе со највисоки 17-14, но Вардар и од тоа се врати и потоа водеше, за на крај и двете екипи заслужено да загубат по еден бод. Томовски беше извонреден со 14 одбрани, Тото постигна шест гола, Моралес пет, а кај Елверум, Хелдал и Мате имаа по шест.  Следниот натпревар на Вардар е на 22 септември, во Скопје, против Мешков Брест, кој вечерва загуби од Кил со 30-33 во Белорусија.