Трет пораз за битолчани во ЛШ: Пелистер загуби и на гостувањето во Букурешт

Македонскиот ракометен шампион Пелистер го запиша третиот пораз во Лигата на шампиони (ЛШ) оваа сезона, откако загуби на гостувањето кај Динамо Букурешт со 25-34.

Во првите 10 минути се играше израмнет ракомет (5-5), по што Динамо Букурешт со мини-серија од 3-0 стигна до 8-5. Пелистер веднаш се обиде да возврати и намали на 9-11, но потоа следеше лош период на битолчани, а Динамо го искористи тоа за да поведе со 19-13.

Динамо Букурешт играше одлично и во вториот дел, а по првите 10 минути стигна и до 26-16, по што стана јасно дека Пелистер ќе запише уште еден пораз во елитното натпреварување (25-34).

Миклос Роста го заврши натпреварот со седум погодоци за Динамо, додека Филип Кузмановски постигна девет гола за Пелистер.

На останатите натпревари Фредериција загуби од Фуксе Берлин со 32-38, додека Пик Сегед го совлада Нант со 33-32.