Традицијата продолжува: Начевски и Николов ќе судат на ЕП 2020

Македонските судии Ѓорѓи Начевски и Славе Николов уште еднаш ќе бидат дел од едно големо натпреварување, односно Европското ракометно првенство, што ќе се одржи во јануари 2020 година во Австрија, Шведска и Норвешка.

Нашата судиска двојка е дел од големите ракометни турнири веќе неколку години наназад, а нивниот квалитет на теренот им обезбеди и натпревари на претстојниот континентален собир.

Европската куќа на ракометот (ЕХФ) ги одреди 23-те судиски двојки за ЕП и ги подели во неколку категории. Начевски и Николов се најдоа во елитната категорија судии кои ќе судат и во првата и во втората фаза од натпреварувањето. 

Само во првата фаза од ЕП ќе судат 18 двојки, додека прва и втора фаза ќе судат 12 двојки. За главната фаза, односно нокаут-рундата засега делегирани се пет судиски двојки.

СУДИИ ЗА ЕП 2020

ПРВА ФАЗА: Радојко Бркиќ/Андреј Јусуфхоџиќ (Австрија), Далибор Јуриновиќ/Марко Мрвица (Хрватска), Јеспер Мадсен Киркхолм/Хенрик Мортенсен (Данска), Андреу Марин/Игнасио Гарсија Серадиља (Шпанија), Шарлот Бонавентура/Жули Бонавентура (Франција), Роберт Шулце/Тобијас Тонис (Германија), Жонас Елијасон/Антон Палсон (Исланд), Ларс Јорум/Хавард Клевен (Норвешка), Бојан Лах/Давид Сок (Словенија), Ненад Николиќ/Душан Стојковиќ (Србија), Михал Бадура/Јарослав Ондогрекула (Словачка).

ПРВА И ВТОРА ФАЗА: Славе Николов/Ѓорѓи Начевски (Македонија), Вацлав Хорачек/Јиржи Новотни (Чешка), Ваидас Мацеика/Миндаугас Гателис (Литванија), Иван Павичевиќ/Милош Ражнатовиќ (Црна Гора), Дуарте Сантос/Рикардо Фонсека (Португалија), Артур Брунер/Морад Салах (Швајцарија),Мирза Куртагиќ/Матијас Ветервик (Шведска).

ГЛАВНА ФАЗА: Матија Губица/Борис Милошевиќ (Хрватска), Мартин Гјединг/Мадс Хансен (Данска), Оскар Рали Лопе/Ангел Сабросо Рамирез (Шпанија), Стеван Пишон/Лоран Ревере (Франција), Ларс Гајпел/Маркус Хелбиг (Германија).