„Среќа денеска не игравме со Бутел, бидејќи и од нив ќе загубевме“

Тренерот на Вардар, Веселин Вујовиќ, беше видно разочаран од изданието на Вардар во поразот од Монпелје (25-31) и рече дека ова е шлаканица која доаѓа на време за да се кренат повторно во победнички лет.

Вујовиќ ги потенцира загубените топки и многуте неискористени шанси, кои беа главен фактор што Вардар загуби чекор со францускиот тим. Кажа дека со вакво издание, Вардар би загубил и од послаб тим од Монпелје без да потцени или навреди некого.

„Среќен сум што денеска не игравме со Бутел, бидејќи со ваква игра денеска ќе загубевме и од Бутел. Ова што денеска го направија нашите бекови, колку технички грешки, колку промашени зицери, колку испуштени топки... Не сакам никако да го потценам Бутел, никако, ќе загубевме од која било екипа од македонската лига.“, изјави Вујо.

Сепак, ова е едвај една третина од натпреварите во групната фаза, па стратегот смета дека има простор да се поправат грешките, за кои тој рече оти неминовно ќе дојдат порано или подоцна, уште по мечот со Алборг.

„Ми се чини дека првите неколку средби малку ги опуштија нашите играчи, помисливме дека сме многу јаки, дека во оваа атмосфера, кој било да дојде ќе загуби, така што ова е една сериозна шлаканица за нас. И мислам дека е на време, бидејќи по четири натпервари имаме пет бода, што и не е така лошо. Јас реков дека треба да сме цврсто на земја и дека ќе дојдат полоши времиња. Еве, тоа почна, е ајде сега да видиме колку сме јаки да се кренеме“, заврши Вујовиќ.