Спортинг ја продолжи агонијата на Колштад, Загреб загуби од Пик Сегед

Вечерва од 18.45 часот се одиграа два натпревари во ракометната Лига на шампиони (ЛШ), а до нови победи стигнаа тимовите на Спортинг Лисабон против Колштад и Пик Сегед над РК Загреб.

Колштад делуваше добро на теренот во првите 30 минути и за момент ги натера навивачите да се надеваат дека можат до втор триумф во елитното натпреварување, но работите драстично се променија во второто полувреме.

Спортинг влезе во одлична серија и од минус четири (15-19) успеа да направи пресврт и да поведе со 25-22 за до крајот без проблеми да го обезбеди триумфот (34-30).

Франциско Мота Кошта беше најефикасен во победничкиот тим со девет постигнати погодоци, додека Симен Улштад Лисе запиша 12 голови за Колштад.

Загреб даваше отпор против Пик Сегед само во првото полувреме (10-10), по што следеше целосен распад на системот на хрватскиот тим и тоа знаеја како да го искористат гостите за да победат со 28-23.

Најефикасен во победничкиот состав беше Марин Јелиниќ со пет погодоци, додека Филип Главаш постигна шест гола за Загреб.

Фото: Sporting Clube de Portugal - Modalidades