Скубе откри: Самсоненко ни ги исплати долговите уште пред Келн!

Словенечкиот репрезентативец и член на макеоднскиот и европскиот ракометен шампион Вардар, Сташ Скубе откри една голема тајна за дополнителната мотивација која ракометарите во црвено-црно ја имаа во Келн за да стигнат до втората европска титула во последните три години.

Вардар беше „отпишан“ уште пред стартот на сезоната, беше посочен како тотален аутсајдер на фајнлфорот, но македонскиот првак успеа да направи чудо прво со епскиот пресврт против Барселона во полуфиналето, а потоа и со триумфот над Веспрем во финалето во кое водеа од прва до последна минута. Турбулентната сезона беше исполнета со повреди, но пред се со тешката финансиска состојба и беспарицата, а ракометарите девет месеци немаа земено плата.

Но, Скубе сега откри дека Самсоненко ги исплатил најголемиот дел од долговите кон нив, па мотивацијата била уште поголема кај ракометарите, кои со срцето и јуначкиот настап стигнаа до нов историски успех.

„Самсоненко ни исплати најголемиот дел од долговите пред фајнлфорот во Келн, ни вети и убава премија“, изјави словенечкиот репрезентативец Сташ Скубе за словенечките медиуми веднаш по величенствениот дочек на европските шампиони.

Словенецот открива дека не постои веќе црно сценарио за Вардар, дека клубот е спасен и дека има пресврт во кој рускиот бизнисмен останува во клубот.

„Последните информации се, кои сега може и да ги откриеме, дека во клубот останува Сергеј, дека многу играчи остануваат. Црното сценарио кое сите го очекувавме нема да се случи. Има пресврт, ако може така да се изразам. Нема веќе темни облаци над Вардар. Сергеј ги среди долговите и сега е се како што треба за да продолжиме и идната сезона. Нормално, нема да бидеме истиот тим, но ова не е крајот на вардаровата бајка“, посочива Скубе.

Словенецот открива дека клучна точка за пресвртот по најавите за распад на проектот Вардар бил пласманот на фајнлфотот.

„После мечот во Пик Сегед, кога обезбедивме Ф4, тоа беше пресвртницата во која Сергеј се сложи да остане. Не знам дали медиумите знаат, но тој дојде кај нас и ни рече дека сто отсто останува“, потенцира Скубе.

Скубе од претходно најави дека останува во Вардар, иако се најавуваше дека имало преговири со полски Кјелце за негова преселба веднаш откако рускиот бизнисмен Самсоненко најави повлекување од црвено-црните во пресрет на четвртфиналниот двомеч со Пик Сегед.

„Останувам во Вардар и во идната сезона, а ако дојде Урош Зорман за тренер ќе биде уште подобро. Искрено во април, кога ни кажаа дека проектот се распаѓа, сите баравме нови средини и заминувањето во Кјелце беше можност, но повеќе не доаѓа впредвид. Нема потреба да објаснувам зашто, имаше разговори и на крајот решив да не одам во Полска. Дефинитивно ќе играм уште една сезона во Вардар, а што ќе биде потоа ќе видиме“, додал Словенецот.